fbpx

Надополнување на коскените дефекти со различни типови на графтови

Надополнување на коскените дефекти со различни типови на графтови

 

Здравите розеви непцата и коската како јака од кошула ги заобиколуваат забите, давајќи им потпора и заштита. При пародонтално заболување, ова потпорно ткиво континуирано се уништува и доаѓа до формирање на „џебови“ околу забите.

Со тек на време, овие џебови стануваат подлабоки, обезбедувајќи поголем простор за размножување на пародонтопатогените микроорганизми. Бактериите, најпрво во вид на плак ги колонизираат видливите површини на забите, за потоа да се акумулираат и напредуваат во длабочина под непцата и да навлезат во коската. Овие длабоки џебови собираат уште повеќе бактерии, што резултира во понатамошно губење на коската и ткивата. Самиот процес е цикличен и често се одвива без симптоми. Конечно, кога ќе се изгуби премногу коска, забите се расклатуваат и тогаш за жал мора да бидат екстрахирани.

Конзервативната терапија кај подлабоките резистентни џебови не е доволна за да го спречи продлабочувањето и комплицирањето на болеста. Во вакви случаи за конечно отстранување на инфекцијата се предлага хирушки отворен дебридмент. Оваа процедура преку едноставно поткревање на непцата, на пародонтологот му овозможува визуелна контрола и пристап за отстранувањето на патолошки променетите ткива, по што непцата ги враќа во првобитната положба и соодветно ги зашива. Всушност со елиминација на бактериите и измазнување на коската и коренот на забот се создаваат услови за повторно прилепување на ткивата за коренот на забот.

Современата пародонтологија оди чекор напред и нуди коскени графтови или протеини со кои се пополнуваат дефектите и што е најважно овие материјали ги стимулираат изгубените ткивата да се регенерираат и репарираат. Современи регенеративните техники во комбинација со секојдневната орална хигиена ги зголемуваат шансите за зачувување на пародонтопатичните заби на долг рок со што се намалува и ризикот од други здравствени проблеми поврзани со пародонтопатијата.

 

Доколку сакате да погледнете видео за постапката на хируршки третман на инфракоскени дефекти кликнете тука.