fbpx
Што треба да знаете за „умниците“?

Зошто умниците се нарекуваат заби на мудроста?

 

Иако се формално познати како трети катници, заедничкото име е умници или заби на мудрост затоа што се појавуваат многу подоцна од другите заби, на возраст кога луѓето се веројатно „помудри“ отколку како дете, кога другите заби изникнуваат.

Умниците обично се појавуваат на возраст меѓу 17 и 25 години. Тие се последните заби што изникнуваат и за некои луѓе, тие никогаш не се појавуваат или предизвикуваат проблеми. Кај многу луѓе умниците остануваат неизникнати (импактирани) бидејќи немаат доволно простор да изникнат во устата.

 

Симптоми при никнување на умниците 

Дали изникнуваат твоите умници?  Најчести симптоми при никнување на умниците:

  • Болка во задниот дел на устата, зад катниците. Оваа болка постепено ќе се зголемува со текот на времето, бидејќи умниците продолжуваат да растат во погрешна позиција, вршејќи притисок на нерви, коски и околни заби.
  • Други симптоми при никнување на умниците се: болка, црвенило и отекување на околното ткиво. При изникнување низ површината на непцата се овозможува на бактериите да влезат низ отворено меко ткиво при  што може да доведе до инфекција. Оралните инфекции се покажаа дека влијаат и на целокупното здравје.

 

Што е импактиран умник? 

Често може умникот да е заглавен или импактиран, состојба во која коската на вилицата или соседните заби ги блокираат забите нормално да изникнат. Тие стануваат заглавени, бидејќи нивните корени продолжуваат да се издолжуваат и колку подолго остануваат импактирани, толку е поголема веројатноста да предизвикаат проблеми за Вашето орално и општо здравје. Симптоми кои се појавуваат кај импактирани умници се силна болка во задниот дел на устата, инфекција и други компликации. Непријатен мирис, лош вкус при џвакање храна, црвенило и оток, сите можат да бидат знаци на инфекција.

Доколку не се третираат импактираните умници околу нив  може да се создадат цисти, а во ретки случаи тумори. Импактираните умници се склони кон развој на цисти околу нив при што може да се оштети забот и околните ткива, вклучително и коските. Во ретки случаи, туморите можат да се формираат околу овие цисти, што ја комплицира екстракцијата на импактираниот заб. Колку подолго чекате да се намали болката во импактираните заби, толку е поголема веројатноста дека ќе ви треба поинвазивна постапка за хируршка екстракција или дека импактираните заби трајно ќе ги оштетат околните ткива.

Исто така, можно е импактираните умници делумно да излезат од под непцата. Во оваа позиција, бактериите релативно лесно можат да влезат низ отворот околу забот предизвикувајќи инфекција на мекото ткиво околу импактираниот заб. Инфекцијата ќе ја зголеми болката во забите и ќе придонесе до појава на црвенило, оток, болка во вилицата, вкочанетост и влошување на целата благосостојба на организмот. Многу е лесно бактериите кои ги предизвикуваат инфекциите во устата да влезат во крвотокот и да влијаат на целото тело.

 

Што можаме да направаме за да се ослободиме од непријатноста при никнување на умниците?

Плакнење на устата со млака вода со лажичка сол ќе помогне да се намалат болките на непцата и воспалението (проверете дали не е премногу жешка пред да плакнете). Жабуркајте ја солената вода околу забот, обидувајќи се да навлезете во областите што четката за заби не може да ги достигне. Направете го ова неколку пати на ден. Антибактерискиот раствор за плакнење кој содржи хлорхексидин, исто така може да го намали воспалението. Таблетите за олеснување на болките, како што е парацетамол или ибупрофен, исто така, можат да бидат корисни на краток рок, но разговарајте со вашиот стоматолог доколку болката продолжи. Таблетите треба секогаш да се проголтаат и да не се ставаат на подрачјето.

Што ако ова не помогне? 

Ако болката не се намалува или ако веќе имате потешкотии при отварање на устата, треба да го посетите  вашиот стоматолог. Тој ќе направи преглед и ќе ја пронајде  причината за вашиот проблем и ќе ви даде вистински совет. Често пати потребно е темелно да се исчисти мекото ткиво околу забот и може да се препише антибиотик.  

Кои се главните причини за вадење на умниците? 

Ако забот не предизвикува проблеми, Вашиот стоматолог нема да го извади. Најчесто, умниците се вадат:

  • кога е јасно дека тие нема да можат да изникнат во правилната позиција затоа што нема доволно простор и тие исто така предизвикуваат болка или непријатност,
  • ако само делумно изникнале и веќе се зафатени од кариес – овие заби се повеќе ќе се расипуваат бидејќи е тешко да ги исчистите толку темелно како и другите заби,
  • ако се заболени и има инфекција.

 

Третман на умниците 

Најчестиот третман за умниците е екстракција на забите. Екстракција на умниците најчесто се прави во стоматолошка ординација под локална или општа анестезија. Овие опции и сите компликации ќе бидат дискутирани пред постапката за екстракција. Ако вашите умници веќе изникнале низ површината на непцата, може да се извадат релативно лесно како било кој друг заб. Импактираните умници може да бидат малку покомплицирани за екстракција. Се прави инцизија преку површината на непцата над забот. После тоа, секоја коска што го покрива забот треба да се отстрани. Понекогаш, Вашиот орален хирург ќе треба да го пресече забот на неколку парчиња за да избегне непотребно сечење на коската или да не ризикува оштетување на нервни ткива. Екстракција на умниците е вообичаена процедура и најверојатно е најдобро решение за отстранување на симптомите. Во последниве години, станува поретко симптомите на импактираните умници да им претходат на нивното отстранување. Стоматолозите и оралните хирурзи препорачуваат да се екстрахираат умниците  пред да станат проблем за оралното здравје.

Дали е тешко да се извадат умниците? 

Сето тоа зависи од положбата и формата на забите и корените. Вашиот стоматолог ќе ви каже дали е лесен или тежок забот кој треба да се екстахира, ќе направи преглед и ќе ја погледне рентген снимката. Умниците во горната вилица честопати се полесни за екстракција од долните, за кои веројатноста да бидат импактирани е поголема. Непријатноста после екстракцијата ќе зависи од тоа колку била лесна или тешка интервенцијата. Обично се очекува да има оток и непријатност неколку дена. Важно е да се држи ладни облоги со благ притисок на вилицата од надвор наизменично, за да болката и отокот бидат што помали во следните 24 часа. Лекови против болки  како што се парацетамол или ибупрофен. Најдобро е да се мирува и да избегнувате пушење и пиење алкохол после 24 часа за да бидете сигурни дека нема проблеми со крварење. Веројатно нема да можете целосно да ја отворите устата околу една недела. Конзумирајте мека храна.

Leave a comment