fbpx
Залевање на трајните заби

Првите трајни заби никнуваат на околу 6 годишна возраст.

Со никнувањето на првото трајно запче, најважно е да им се објасни на децата дека овие заби ќе им останат во устата сé додека се живи. Токму заради грижата за трајните заби треба да биде приоритет во создавањето здрави навики кај детето.
Трајните заби не се помалку подложни на кариес – секој заб може да заболи и понатаму да предизвика болка и дополнителни проблеми и заболувања на другите заби. Сепак, со редовна посета на стоматолог, раното дијагностицирање на кариесот и неговата превенција, може да се спречат трајни оштетувања на забите.

Еден начин на превенција на создавање на кариес претставува залевањето.

Залевањето на фисурите претставува специфична профилактичко – тераписка и безболна метода со која се заштитуваат трајните заби од налепување на бактерии на нивните површини, а со тоа се спречува појава на кариес на оние места на кои е нанесен залевачот.

Најчесто се залеваат катниците и предкатниците, односно нивните џвакални површини на кои постојат т.н. фисури и јамички. Овие фисури и јамички поради нивната длабочина и недостапноста на влакната од четката за заби се ризични и склони места за наталожување на бактерии и покрај редовното и задоволително одржување на орална хигиена. Всушност, улогата на залевачите е да го заштити забот со тоа што ќе ги исполни овие места и ќе формира мазна површина која е лесна за четкање и чистење.

Веднаш штом ќе се појават во устата првите трајни заби задолжително е да се закаже посета на стоматолог и да се направи проценка кога да се изврши залевањето на трајните заби.

Важно е да се напомене дека за да може да се залее трајниот заб на вашето дете неопходно е тој да биде здрав, односно, да не биде претходно зафатен од кариес. Кога веќе еднаш забот ќе се расипе стоматологот ќе мора да го исчисти кариесот со што се одзема дел од површината на забот.  Позитивната страна на залевањето е што ни дозволува да го повторуваме процесот без да одземаме од ткивото на забот, а со тоа цврстината на забот останува иста.

Прв чекор во оваа процедура е преглед на забот, односно утврдување дали забот е здрав или веќе има кариес.
Целата оваа постапка е комплетно безболна и исклучено е стружењето на ткивата на забите.

Трајноста на залевачите обично изнесува неколку години. Но, тоа не значи дека тие не треба да бидат контролирани. Контрола на залеаните заби мора да се прави на одреден период, за да бидеме сигурни дека залевачот не се потрошил со самото функционирање и сé уште е недопрен. Доколку стоматологот утврди дека е потребно, промената или корекцијата на залевачот одзема само неколку минути.

Исто така четкањето на забите и правилното одржување на оралната хигиена е подеднакво важно како и кај забите кои не се залеани.

Залевањето на трајните заби се прави за да се превенира создавање на кариес на џвакалните површини на трајните заби – бидејќи тие се незаменливи.